РК Металург денеска ја стартува новата сезона во најелитното натпреварување во Европа, Лигата на шампионите. Металург ќе се обиде да го поправи впечатокот од минатата сезона кога забележа само две победи и заврши на последното место во својата група. Но, денеска гледаме сосема поинаков Металург од тогаш. По состав скоро ист од минатата сезона, но далеку поискусен и поподготвен за новите предизвици. Тоа го покажаа младите ракометари на четирите натпревари во СЕХА лигата, дека имаат квалитет и искуство, каде со малку среќа може да изненадат во својата група.
Во пресрет на денешниот натпревар против норвешкиот првак Елверун, капитенот на РК Металург, Филип Талески изјави дека се млади и желни за докажувања и ќе одат на секој натпревар на победа.
„Сите противници во нашата група се израмнети и може секој да победи секого, така да ние ќе се подготвуваме за секој натпревар и ќе одиме на победа. Ние сме млада екипа и желни сме за докажување и за добри натпревари, во кои ние ќе созреваме како играчи. На секој натпревар одиме за најдобар резултат, па што биде нека биде“
МакРакомет им посакува многу среќа и воедно ве повикуваме денеска од 17:30 часот да дојдете во СЦ „Борис Трајковски“, заедно да ги бодриме нашиме млади надежи, на кои најмногу им сме потребни!