Екипата на Металург денес ќе го одигра последниот натпревар од Лигата на шампиони. Во дуел со рускиот првак Чеховски Медведи, Металург ќе се обиде да дојде до победа, а со тоа и пласман на третото место во својата група. Пласман кој иако не носи натпревари од нокаут фазата, сепак ќе претставува значителен напредок во однос на минатата сезона.
Чеховски Медведи, слично како Металург, е екипа составена од млади талентирани играчи, кои немаат постојаност во играта, но на одредени мечеви можат да победат секого. Тоа лесно се заклучува и од резултатите. Добро почна Чеховски во групата – два нерешени меча со Ла Риоха и Елверум, па триумф на Металург и потоа серија од 3 тесни порази кои ги намалија шансите на рускиот првак за висок пласман. Сепак, тоа не ги обесхрабри Русите да продолжат со добри игри, па на гостувањето во Шпанија ја совладаа Ла Риоха со 34-37, што покажува дека овој тим е со висок потенцијал.
21-годишниот лев бек Санталов е убедливо најдобриот играч на Чеховски Медведи. 40 постигнати голови го промовираа во еден од најголемите таленти на рускиот ракомет и ќе претставува најголема опасност за Металург и во денешниот дуел. Заедно со Котов и Куретков ја формираат талентираната бековска линија, која значајна помош добива од крилата Корнев и искусниот Ковалев.
Металург и денес треба да ја игра својата игра – цврста одбрана и паметно во напад со минимален број на грешки до сигурна позиција за гол. Доколку успее во таа своја идеја, Металург може да дојде до триумф, петти сезонава и да се пласира на тртото место.
Дуелот е со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ 1.