Ракометарите на Вардар со синоќешната победа на гости против Горење со 29:31, го обезбедија првото место на табелата во регионалната СЕХА лига. Гостување на кое Вардар настапи без капитенот Стојанче Стоилов и Лука Циндриќ, а од голманското трио паузираше Страхиња Милоќ. Но, сето тоа не беше пречка за вардарци да ја продолжат серијата на победи и во победнички ритам да го дочекаат продолжението на групната фаза во Лигата на шампионите.
Во еден неизвестен натпревар, ракометарите на Горење одлично парираа на „црвено-црните“ се до последните 5 минути на натпреварот. Кога Вардар направи серија од 4-0 и веќе на минута до крајот резултатот гласеше 28:30, што значеше обезбедување на победата.
Најефикасни на натпреварот беа Дибиров со 8 и Борозан со 6 постигнати погодоци, додека кај домаќините беа Цехте и Митровиќ со по 6 постигнати погодоци. На голот кај Вардар, повторно имаше добра партија Арпад Штербик, кој забележа 12 интервенции.
Следен натпревар на Вардар е на 11-ти фебруари, кога ќе игра против екипата на ППД Загреб во рамките на групната фаза во Лигата на шампионите.