Почетокот на сезоната најавуваше најсилна и најизедначена СЕХА лига до сега. Впрочем, не постои друга лига во светот во која од 10 учесници, дури 6 се дел од ЕХФ Лигата на шампиони. Сепак, во пракса тоа не е така. Оваа година сведоци сме на најдосадната СЕХА лига во последните неколку години. Помина половина сезона, се одиграа 82 натпревари и на табелата гледаме драстична разлика во поените помеѓу екипите, разлика која е резултат на квалитетот меѓу екипите. И ако разликата во освоени бодови и не мора да значи нешто страшно, ако се погледнат поединечни резултати, ситуацијата е алармантна. Кога натпревари завршуваат со речиси кошаркарски резултати, тоа не е добро. Ни за клубовите учеснички, ни за лигата.

Веспрем, Вардар, ППД Загреб, Татран Прешов и Мешков Брест се екипите кои отскокнуваат од останатите екипи во ова натпреварување. Доказ за тоа се натпреварите во кои екипите како што се Борац, РК Струмица, Спартак Војпут, кои со голема разлика (некогаш и повеќе од 20 разлика) губат од горенаведените екипи. Некаде на средината по квалитет се Војводина (ако се иземат катастрофалните порази од Веспрем, 44-21 и 22-42) и Нексе, кои колку толку се спротивставуваат на најсилните и со квалитетот сепак заслужуваат да се дел од СЕХА.

За послабите екипи, таквите резултати делуваат тотално демотивирачки, истовремено поттикнувајќи ги појаките екипи да играат незаинтересирано … со втор состав … натпревари кои ги гледаат само како еден јак тренинг. Накратко кажано – СЕХА лигата веќе не е голем предизвик!

На одредени натпревари видливо е и тактизирањето на некои од најјаките екипи (пример Вардар и ППД Загреб) кои со својата незаинтересираност на некои мечеви ја потценуваат самата лига. Тука за пример се мечевите Вардар – Мешков Брест и ППД Загреб – Татран Прешов.

Распоредот на натпревари е уште една работа која треба сериозно да се разгледа. На пример, последно нешто што никогаш се нема случено во историјата на ракометот, беше една екипа да одигра 3 натпревари во 48 часа. Тоа беше екипата на Веспрем, која го направи тоа и се разбира издвојува три убедливи победи, со вкупна гол разлика на тие три меча од +33.

Сето ова многу зборува за квалитетот и сериозноста на ова натпреварување оваа година.

За да не гледаме вакви натпревари и следната сезона, раководството на СЕХА лигата мора да почне уште сега да размислува за промени, особено во системот на бирање на тоа кои екипи ќе играат следната сезона во ова натпреварување.

Предлог промени кои мислиме дека можеби ќе донесат поголем квалитет следната сезона:

  • Загарантирано учество само за шампионите. Останатите членови на лигата да се добијат или преку воведување на вајлд карти, слично на концептот на ЕХФ (екипите да мора да покажат дека располагаат со доволно квалитетен ростер за учество во лигата) или преку квалификациски турнир на почетокот на сезоната.
  • Подобра организација во распоредот на натпреварите.
  • Дополнително подигање на квалитетот на лигата (се чини дека е време словенечките претставници да станат дел од лигата)

Се на се, СЕХА лигата од година во година е се подобра, важноста за клубовите, во ситуација кога домашните првенства се со многу низок квалитет, е огромна, и затоа раководството на СЕХА мора да направи се во своја можност истата квалитативно да порасне, и дополнително да се приближи до најсилните лиги на континентот (германската и француската).