Во пресрет на дуелот со Пик Сегед, играчите на Вардар потенцираат дека се работи за силен противник и повикуваат на концентрација и игра на највисоко ниво во тек на сите 60 минути, доколку Вардар сака да го забележи и вториот триумф во овогодинешната Лига на шампиони.
Засилувањето за сезонава, Лука Циндриќ, по повредата на дуелот со Монпеље, целосно е подготвен за дуелот на Унгарците. Тој очекува тесен натпревар и смета дека концентрацијата е клучот на успехот: „Нè очекува доста тежок натпревар против Пик Сегед – екипа која ни е добро позната на сите. Ќе има доста надмудрувања и мислам дека ќе победи оној тим кој ќе биде поскоцнетриран во одлучувачките минути од натпреварот.“
Уште повнимателен е Штербик, кој ја потенцираше силината на денешниот противник: „Не чека тежок натпревар, Пик Сегед не е воопшто наивен тим. Сите мислиме дека тие не се на нивото на Барселона или ПСЖ, но ако ги видиме резултатите од претходните две години ќе заклучиме дека станува збор за тим кој направи исклучително голем напредок. Тие минатата сезона го елиминираа Рајн Некар, а во првото коло го победија и Кјелце. Јас повеќе се плашам од Пик Сегед отколку кога на домашен терен ќе ја пречекаме Барселона. Сите мислат дека ова е лесен натпревар и дека без проблеми ќе победиме. Напротив, ќе биде многу тешко и се надевам дека ќе успееме да ги освоиме бодовите“.
Мечот е со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ1.