Нема одмор за македонскиот ракометен шампион. Откако во неделата го одигра мечот од второто коло во Лигата на шампионите, веќе денес, Вардар ќе го игра мечот од четвртото коло во регионалната СЕХА лига. Противник е екипата на Татран Прешов.

И двете екипи, по 3 одиграни кола се без пораз и овој меч на некој начин е дерби  на колото. Ако дополнително се земе во предвид дека и двете екипи годинава се дел од Лигата на шампионите, јасно е дека можеме да очекуваме квалитетен меч.

Татран Прешов, веќе традиционално, игра добро кога гостува во Скопје. Во минатите сезони, Татран 2 пати заминуваше како победник од нашиот главен град. Сепак, се чини дека годинава, Словаците се без шанси. Во неделата, на мечот од второто коло во ЛШ, Тартран загуби убедливо на домашен терен од екипата на Брест Мешков (20-30), а кога на тоа ќе се додадат и повредените играчи (Рабек, Крок, Погани, Фурлан, Урбан и Ивковиќ), извесно е дека шансите за позитивен резултат им се мали.

На овој меч, очекуваме во Вардар поголема минутажа да добијат играчите кои играа помалку во досегашниот тек на сезоната, па, соколку се е во ред со ситните повреди, очекуваме во значајна улога да ги видиме Манасков, Стоилов, Лазаров и Ангелов, како и новите засилувања, со цел да имаат можност уште подобро да се воиграат пред продолжението на Лигата на шампиониѕе.

Мечот е со почеток во 18:30, во салата „Јане Сандански“, со директен пренос на Собранискиот канал на МРТ.