Скопската екипа од населбата Пролет е една од најстарите македонски ракометни екипи, оформена во далечната 1962 година. Екипа чии темели беа удрени од Гоце Стефановски, Вангел Коловски и Владо Миљовски-Брле, главните виновници за оваа ракометна екипа да опстојува веќе половина век. Во сето ова изминато време, оваа екипа имаше доста успеси во тогашната СФРЈ и најбитно од се беше екипа од која македонската репрезентација добиваше врвни репрезентативци како Стефанчо Коруновски, Мирослав Трајковски и Илија Темелковски.

Нешто што е заедничко за оваа екипа од тоа време и денес е Илија Темелковски, човекот кој играше и за југословенската младинска репрезентација, со богата меѓународна кариера, човек кој долги години успешно го предводи овој тим како тренер. Тренер за кој денес може слободно да се каже дека после години труд направи една млада екипа која ветува многу во блиска иднина, како во македонското првенство така и на интернационално ниво.

Екипа која годинава одигра една одлична сезона, со што заслужено се пласира на 4-то место, кое им овозможи учество во Челинџ Купот следната сезона. Екипата во која играат ракометари од 20-25 години, предводена од искусниот стратег на клупата Темелковски, докажаа дека со многу труд и работа може да се направи успех.

За Тинекс Пролет може слободно да кажеме дека е потенцијален извор на квалитетни македонски ракометари, а тоа ни го потврдија оваа сезона, каде на голот блескаше Стефан Кимевски . Голман кој континуирано имаше одлични партии оваа сезона, што заслужено се најде неколку пати на проширениот список на Обрван. Нешто што несомнено кажува дека можеби е помеѓу првите кандидати кои би ги замениле одличните Диви и Борко на голот на македонската репрезентација.

Македонија секогаш имала добри пикери, така да може слободно кажеме дека нема потреба да стравуваме за таа позиција, бидејќи веќе отскокнува Антонио Апостоловски . Ракометар кој е предводник на оваа екипа, како во одбраната, така и во нападот. Неговата цврста игра е клучна во нападот на Тинекс Пролет, напад без кој на неколку пати видовме дека не може да фунционира без него.

Тоа што оваа екипа ја краси е тимската игра, младите бекови Доне Мајнов, Стефан Стојановски , Ласко Андоновски, предводени од најискусниот бек Љубиша Димковски, одлично се покажаа оваа сезона. Бекови кои допрва имаат што да покажат, нивната борбеност и снаодливост на неколку пати ја покажаа, особено на пријателските натпревари против големиот Веспрем. Натпревари кои беа од големо значење за овие млади ракометари, да стекнат едно големо искуство за понатака.

На крилните позиција Ѓорѓи Велков и Илија Крстевски се едни од младите талентирани ракометари, кои допрва ќе имаат можност да го покажат својот несомнен квалитет.

Екипа кој има шанса веќе во новата сезона да го покаже својот квалитет и да постигне успех во Европа, за кои секој љубител на македонскиот ракомет ќе се радува.

Фото: Филип Вирановски